Лудило: Судиите се премислија на 0,9 секунди до крајот и ја исфрлија Македонија

Кадетската репрезентација на Македонија сепак нема да биде дел од четвртфиналето на Европското Првенство – Б дивизија што се игра во Скопје, откако нашите млади кошаркари уште пред својот последен меч од групата со Австрија ги загубија шансите за пласман во Топ 8. Главни виновници без дилема се судиите на денешниот дуел меѓу Шведска и Естонија, кои со неверојатна одлука за поништување на веќе досуден прекршок на Шведска на 0,9 секунди до крајот и помогнаа на оваа селекција да стигне до победата што ја одведе во ечтвртфиналето.

Пресуден за нас беше дуелот меѓу Шведска и Естонија, на кој ни беше неопходна победа на Естонците за со победа над Австрија нашите кошаркари да стигнат до второто место во групата и пласман во четвртфиналето. За жал, денешната израмнета битка во СЦ „Борис Трајковски“ заврши со минимална победа на Швеѓаните од  78-77, со што Македонија остана без шанса за четвртфинале. Дуелот беше израмнет од почеток до крај, Шведска се одлепи на „плус пет“ на една минута до крајот, а Естонија при три поени разлика имаше напад при кој не шутираше тројка туку тргна во влез и ја загуби топката. Потоа Естонците на помалку од десет секунди до крајот украдоа топка и тргнаа во контранапад, но реализираа положување за 78-77 наместо обид за тројка и израмнување.

Во лудиот финиш Шведска повторно ја загуби топката, судиите најпрвин досудија прекршок што требаше да значи две слободни фрлања за Естонија на 0,9 секунди до крајот при негатива од еден поен. Сепак, арбитрите нецела минута подоцна се премислија, па доделија само топка од страна, по што Естонија не успеа да реализира за толку кратко време и Шведска стигна до победата, што значеше и крај на сонот на Македонија наречен четвртфинале.

Македонија се среќава со Австрија во својот последен меч од групата, нашите млади кошаркари со победа ќе го освојат третото место, додека пораз ќе значи и освојување на четвртото место во оваа група.

Се вчитува...