Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер по 17 натпревари стигна до првиот бод во Лигата на шампионите откако вечерва во трилер меч на домашен терен ремизираше против Спортинг Лисабон 24-24.
Македонскиот шампион многу подобро го почна натпреварот, а со помош на Митревски кој беше одличен на голот по десет минути игра стигна до највисоките во тој момент плус три (5-2). По добриот старт, следуваше пад на домаќинот. Филип Кузмановски не искористи неколку „зицери“ па по 15 минути игра гостите успеаја да се вратат во егал (7-7).
Во следниот период се играше гол за гол па по 22 минути резултатот на семафорот изнесуваше 10-10, по што следуваше првиот тајмаут на тренерот на домашниот тим, Бранислав Ангеловски. По тајмаутот „зелено-белите“ повторно заиграа подобро, па со голот на Жарко Пешевски во 25. минута македонскиот шампион повторно стигна до плус два (13-11), по кои и гостинскиот тренер Рикардо Кошта го побара својот прв тајмаут.
Одличната игра од крајот на првиот дел, пелистерци ја пренесоа и на стартот на вториот, а со голот на Богдан Радивојевиќ во 41. минута, домашните стигнаа до највисоките плус четири (20-16). Сепак, следеше нова серија на гостите од 3-0, по која повторно дојдоа на минус еден (20-19), по што Ангеловски мораше да побара нов тајмаут. Ниту минутата пауза не им помогна на домаќините бидејќи во следниот период Португалците продолжија со одличната игра, па по долго време повторно стигнаа до водство во 52. минута (21-22).
Во следниот период и двата тима многу грешеа, а прв успеа да стрела Франциско Кошта на четири минути до крајот за плус два за гостите (21-23). Грешките само се нижеа, а мрежата на гостите мируваше цели тринаесет минути, а со голот на Мартин Кошта на минута и пол до крајот гостите ги разрешија сите дилеми околу победникот (21-24). Црната низа од 14 минути со гол ја прекина Богдан Радивојевиќ кој намали на 22-24, а со голот на Борзаш на триесет секунди до крајот битолчани дојдоа на само минус еден 23-24. Следуваше нова грешка на гостите, а Павле Атанасијевиќ со гол на 15 секунди до крајот донесе злато вреден бод за домашниот тим (24-24).
Никола Митревски со десет одбрани беше убедливо најдобриот поединец на домаќинот, додека Кузмановски, Пешевски и Радивојевиќ постигнаа по пет гола. Кај гостите по пет погодоци постигнаа Гури, Салвадор и Кошта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА