Фенербахче стигна до третата победа во низа во Евролигата, откако во трилер-меч по продолженија на домашен терен ја совлада германската Алба со 107-102.
Во првото полувреме гледавме две тотални различни четвртини. Првата, домаќините со одлична игра во нападот ја добија со 30-16. Во вториот период Турците застанаа, што беше искористено од гостите кои на полувреме заминаа само со еден поен негатива 41-40.
Во третиот период избраниците на Желјко Обрадовиќ беа за нијанси подобри, а по 30 минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 65-62. Натпреварот влезе во неизвесна завршница во која домаќините на девет секунди до крајот на мечот стигнаа до предност од плус три 88-85. Во последниот напад Нилс Гифри искористи само едно од двете слободни фрлања, а Лук Сикма со офанзивен скок успеа да израмни на 88-88. Во последниот напад Вилијамс не искористи шут за три поени, а натпреварот замина во продолженија. Во продолженијата домаќините предводени од неверојатната публика успеаја да најдат сила и да стигнат до триумф од 107-102.
Костас Слукас со 21 поен беше херој за турскиот тим, a одличен беше и Махмутоглу кој мечот го заврши со 17 поени. Кај гостите најефикасен беше Рокас Гиедритис со 19, додека еден помалку постигна Лук Сикма.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА