Магдебург е првиот финалист во Лигата на Шампионите откако германскиот клуб во своето деби во „Ланксес Арена“ во Келн успеа да го елиминира актуелниот европски првак Барселона, славејќи со пенал-рулет со минимални 40-39. Барса цела сезона не знаеше за пораз во ЛШ, но повторно наиде на незгодниот ривал од кого во октомври го загуби финалето на Суперглоуб, во драматична завршница промашувајќи четири од петте седмерци во пенал рулетот за шокантен пораз за каталонскиот гигант. Триумфот на Магдебург е уште позначаен ако се знае дека германскиот клуб во клучните моменти го немаше извонредниот Кристијансон, кој заработи тешка повреда и ќе го пропушти утрешното финале.
Полуфиналето почна со одбранет пенал на Нилсен по ударот на Каи Смитс, како најава за одличното прво полувреме на данскиот голман на голот на Барса. Нилсен го заврши полувремето со девет успешни интервенции, а каталонскиот гигант го контролираше резултатот во текот на првите 30 минути, само за момент дозволувајќи им на Германците да стигнат до кратко водство по кое Барса повторно ја презеде контролата. Дамгард го одржуваше Магдебург во игра со шест гола во првиот дел, но Барса сепак заслужено замина на одмор со предност од 18-16.
Каталонците имаа и „плус три“ во вториот дел (21-18), но ситуацијата експресно се промени откако по исклучувањето на Нгесан тимот на Магдебург експресно се врати и со три гола дојде до израмнување. Германците си ја зголемија и самодовербата, поведоа со два гола предност, принудувајќи го Ортега да го внесе Перез де Варгас на голот, откако Нилсен немаше ниту една интервенција во првите 12 минути од полувремето. Резултатот на десет минути до крајот гласеше 26-25 за Магдебург, следеше период на игра „гол за гол“, па во последните пет минути се влезе со израмнети 29-29.
Проблемите за германскиот тим се зголемија откако при негатива од 29-30 повреда заработи Гисли Кристијансон, извонредниот Исланѓанец кој и на овој натпревар беше меѓу најдобрите поединци на теренот. Норвежанецот O’Саливен, кој влезе во игра на местото на Кристијансон стрелаше прецизно за 30-30, но Барса одговори на спротивната страна преку Гомез Абелјо, кој прибра една одбиена топка и погоди за 30-31 за каталонскиот гигант. Германците го имаа последниот напад, Каи Смитс успеа да погоди, а во драматичните последни секунди Јанц се обиде со шут од половина, Дамгард одбрани од линијата за шест метри, а Барса и покрај барањата за пенал остана со празни раце, па возбудувањата продолжија со две продолженија од по пет минути.
Во првите пет минути блесна Безјак, кој доби шанса и во нападот по третото исклучување на О’Саливен, па искусниот Словенеце со два гола помогна Магдебург да го заврши продолжението со предност од два гола (35-33), по извонредниот гол што со звукот на сирената го постигна Дамгард. Јанц и Нгесан донесоа израмнување од 37-37, Каи Смит постигна гол од брз центар во 69. минута, но Нгесан со својот трет гол во продолжението донесе израмнување од 38-38. Магдебург имаше последен напад, но не го реализираше, па ова супердраматично полуфинале мораше да биде решено со пенал-рулет.
Хампус Ване беше првиот играч што не реализираше откако крилото на Барса го промаши целиот гол во втората серија. Во следната серија идентично промаши и Мелвин Ричардсон, но Де Варгас го запре ударот на Петерсон и ја остави Барселона во живот. Неверојатно, Дика Мем шутираше четврти за Барса и исто како и Ване и Ричардсон се реши за шут од земја, по што топката заврши над гредата. Мизеријата на Барселона беше комплетирана откако и Фабрегас не го искористи својот седмерец, за големо изненадување и елиминација на актуелниот европски првак и пласман на Магдебург во големото финале од Лигата на шампионите.
Каи Смитс беше фантастичен во победничкиот тим постигнувајќи 12 погодоци, осум пати прецизен беше Дамгард, додека Нгесан со девет и Гомес Абелјо со осум погодоци беа најефикасни во таборот на Барселона.
Во второто полуфинале со почеток во 18 часот се среќаваат ПСЖ и Киелце.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА