Барселона е првиот клуб што успеал да триумфира две сезони по ред на фајналфор турнирите од Лигата на Шампионите откако каталонците славеа во денешното финале со Киелце, на пенали откако резултатот по 60 минути игра гласеше 28-28. Дуелот беше супердраматичен, Киелце со гол во последната секунда се избори за продолженија, потоа полскиот тим имаше напад за победа во второто продолжение, за на крајот Алекс Душебајев со промашениот пенал во „рулетот“ да биде трагичар на „сино-жолтите“.
Талант Душебајев се обиде со тактичко изненадување, оставајќи го на клупата својот син Алекс Душебајев, кој сезонава е најдобар играч на Киелце. Сепак, бековската линија Карачиќ – Шичко – Вујовиќ беше далеку од посакуваното ниво, а Барса успеа да го искористи тоа и во раната фаза од мечот поведе со 5-2 и 6-3. Киелце доби на сигурност во нападот кога Алекс Душебајев влезе во игра, на спротивната страна серија одбрани врза Андреас Волф, со што Полјаците целосно се вратија во мечот. На одмор сепак се замина со минимално водство на Барселона од 14-13, по голот што во последната секунда го постигна одличниот Алеиш Гомез Абелјо, негов шести во првото полувреме.
Вториот дел почна со израмнета игра, во која Барса не ја искористи најдобро предноста од играч повеќе по исклучувањето на Наи па Киелце благодарение на Дани Душебајев стигна до второто водство на мечот (по почетните 1-0), поведувајќи со 17-16. Каталонците се соочија со проблеми во нападот, повеќе од пет минути беа без постигнат гол, но Перез де Варгас блескаше со неколку интервенции и одбранет пенал при 20-21, не дозволувајќи противникот посериозно да се одлепи.
На девет минути до крајот Киелце имаше водство од 24-23 кога Ортега побара тајмаут во обид да ги разбуди „заспаните“ ракометари на Барселона. На пет минути до крајот резултатот гласеше 25-25, Киелце од пенал поведе, но Барса одговори со два брзи гола и водство од 27-26 за каталонскиот гигант. Дика Мем изнуди исклучување од Гебала, Барселона поведе со пеналот на Гомез, а потоа имаше и напад за титула, но Мем шутираше крај дирекот, оставајќи му последен напад на Киелце за израмнување. Финишот беше супердраматичен, Каралек остана осамен на линијата од шест метри, рутински реализирајќи крај Перез де Варгас со звукот на сирената, одведувајќи го финалето во продолженија (28-28).
Karalek envoit Kielce et Barcelone en prolongations 🔥🔥🔥🔥 pic.twitter.com/YLvzEAq4mX
— HandNews (@HandNewsfr) June 19, 2022
Дополнителните први пет минути донесоа низа грешки на ракометарите на Киелце, но Барса не ги искористи целосна и ова прво продолжение заврши со само еден гол предност за каталонците (30-29). Браќата Душебајев се разбудија на стартот од второто продолжение, најпрвин Дани израмани на 30-30, пред Алекс да изнуди пенал што Морито го претвори во водство на Киелце со 30-31. Финишот беше супердраматичен, Дика Мем погоди за израмнување од 32-32, по што Киелце го имаше последниот напад. Барса успеа да се одбрани, па европскиот шампион мораше да биде решен со пенал-завршница.
Алекс Душебајев беше првиот ракометар што не го реализираше својот седмерец, во третата серија од пенал-рулетот, сите петмина членови на Барселона беа прецизни во своите обиди, со што каталонскиот гигант успеа да ја одбрани титулата, за 11. европска круна во историјата на елитното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА