„Лудилото Суперкласико“ го тресе Мадрид: Досега 150.000 барања за билети!

Мадрид го тресе „лудилото“ наречено „Суперкласико“. Најлудото градско дерби во светот меѓу аргентинските Бока јуниорс и Ривер Плата сега ја „дрма“ Европа. Следната недела од 20:30 часот на „Сантијаго Бернабеу“ реванш дуелот од финалето во Копа Либертадорес меѓу двата тима треба да го даде името на новиот шампион на Јужна Америка.

Натпреварот требаше да се игра минатата сабота на „Монументал“, но домашните навивачи во заседа го пречекаа автобусот со фудбалерите на Бока јуниорс и го „изрешетаа“ со камења, напаѓајќи притоа и со солзавец.

По одлуката мечот да се пресели преку океанот, на стадионот на Реал во Мадрид, завладеа општа хистерија од страна на навивачите на двата клуба, но и од неутралните љубители на фудбалот.

За помалку од 24 часа, КОНМЕБОЛ (Јужноамериканската фудбалска федерација) која е организатор на натпреварувањето, потоа Шпанскиот фудбалски сојуз, како организатор на мечот, како и Реал Мадрид, како сопственик на стадионот, се најдоа под незапаметен досега притисок за билети.

За само еден ден има 150.000 барања за билети. За каква збрка се работи доволно зборува и податокот дека Шпанскиот фудбалски сојуз одлучил да ги исклучи телефоните. Најмногу барања има од Аргентинците кои живеат во Шпанија, кои ги има повеќе од 70.000 во Мадрид кои сакаат да го искористат овој раритетен момент.

Се вчитува...