Лудница каква не памети Англија: Шефилд надокнади негатива од 4 гола, па по пенали се избори за финале за влез во Чемпионшип (ВИДЕО)

Нереален натпревар е одигран во Англија во полуфиналето од плејофот за пласман во Чемпионшип од Лига еден.

Шефилд Венсдеј загуби во првиот натпревар од Питерборо на гостински терен со 4-0, за да во епски пресврт, најголем во историјата на англискиот фудбал, сега победи на реваншот со 5-1 во продолженија и по подоброто изведување на пеналите да се избори за мајсторка на Вембли за влез во Чемпионшип.

Никој на Шефилд не му даваше никакви шанси на овој дуели, но преполниот „Хилсборо“ веруваше. Па, домашните од првата минута тргнаа агресивно и веќе во 25. минута имаа предност од 2-0 со головите на Смит и Грегори. Питерборо во второто полувреме немаше ниту еден шут кон голот на Шефилд кој, пак, преку Џејмс во 71. минута зголеми и на 3-0 носејќи го мечот во инфарктна завршница.

Главниот судија покажа на крајот шест минути продолжение, но поради задржувањето дозволи да се играат осум. И кога домашните речиси се откажаа, им дозволи уште еден напад во 98. минута во кој Флинт центаршутот на вториот дирек го спушти во петерецот а Палмер ја смести топката во мрежата за неверојатни 4-0 и целосен хаос на трибините.

Во продолжението Шефилд успеа да постигна и автогол па резултатот беше намален на 4-1, но силните напади на домашните вродија со плод во 112. минута кога Патерсон стрелаше за 5-1 и го одведе мечот кон пенали. Играчите на Шефилд ги погодија сите пет пенали, а трагичар кај гостите беше Батлер на кого Доусон во втората серија му го прочита ударот.

Така Шефилд Венсдеј во големото финале на Вембли ќе добие можност да се врати во Чемпионшип по две години играње во третата по квалитет лига во Англија. Овој клуб и четири пати беше шампион на Англија, а последен пат во Премиерлигата играше од 1992 до 1999 година.

Се вчитува...