Неверојатно „лудо“ 30. коло во Првата македонска фудбалска лига по кое Шкендија е нов лидер во шампионатот откако дојде до победа над АП Брера од 3-2 и покрај тоа што се до 77. минута имаше негатива од 0-2. А искористувајќи ги киксевите на Струга ТЛ и Шкупи на гостувањата против Тиквеш односно Гостивар.
Шкендија играше повеќе од важен меч во битката за титулата против АП Брера на домашен терен. Но, Ивковиќ во 16. минута успеа да ги шокира домашните.
Одличен контранапад на Брера и мајсторска акција на Зоран Андонов по левата страна, а Ивковиќ одлично го искористи нафрлувањето на Андонов за од непосредна близина да погоди за 0-1 на полувремето за струмичани.
Во второто полувреме нов шок за домашните кога Цветаноски зголеми на 0-2.
Но, потоа следеше комплетниот пресврт. Најпрво Адеми погоди во 77. минута за 1-2, па Цаке изедначи на 2-2, за да Аганспахиќ во четвртата минута од судиското продолжение предизвика делириум на трибините.
Тиквеш ја победи Струга ТЛ со 3-2, по два луди пресврти на мечот. Вистински евро-гол на поранешниот македонски репрезентативец Даниел Мојсов за водство од 1-0 на Тиквеш против Струга ТЛ по првите 45 минути.
Но, потоа следеше пресвртот на Струга ТЛ со двата гола на Бесарт Ибраими за 1-2.
Сепак, Тиквеш не се предаде. И Стојкоски најпрво во 82. минута израмни на 2-2, а Луан Силва во 94. минута донесе и победа од 3-2 за кавадарчани.
Брегалница и Вардар во Штип играа натпревар „да се биде или не“ во битката за опстанокот. Во повеќе од значајниот натпревар и за двата тима, на крај Вардар победи со 0-3.
Црвено-црните поведоа уште во 8. минута со голот на хрватскиот интернационалец Шушњара.
Потоа, Дошев и Николовски во самата завршница постигнаа уште два гола за конечни 0-3.
Шкупи, пак, загуби на гостувањето во Гостивар со 2-0. Домашните поведоа на мечот со голот на Кировски во 62. минута.
Конечните 2-0 за Гостивар ги постави Кехинде во 96. минута.
Воска славеше на гостувањето против Македонија ЃП со 0-2. Првиот гол за охриѓани го постигна Илиески во 61. минута од средбата.
Вториот беше ремек-дело на Марушиќ од слободен удар во 69. минута од натпреварот.
Работнички веќе е во сигурната зона во битката за опстанок откако славеше со 0-1 на гостувањето против Силекс во Кратово со голот на Гандо Биала во 82. минута.
Кавадарци: ТИКВЕШ – СТРУГА ТЛ 3-2
Мојсов 32′, Стојкоски 82′, Силва 94′ – Ибраими 63′, 77′(п)
Тетово: ШКЕНДИЈА – АП БРЕРА 3-2
Адеми 77′, Цаке 87′, Аганспахиќ 90’+4 – Ивковиќ 16′, Цветаноски 67′
Гостивар: ГОСТИВАР – ШКУПИ 2-0
Кировски 62′, Кехинде 90’+6
Кратово: СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ 0-1
Гандо Биала 82′
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВОСКА 0-2
Илиески 61′, Марушиќ 69′
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ВАРДАР 0-3
Шушњара 8′, Дошев 84′, Николовски 90’+2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА