Лудница во Истанбул: ВАР, судиско шоу, седум гола и победа во 98. минута за Галатасарај над Трабзон (ВИДЕО)

Вистинска лудница на натпреварот меѓу Галатасарај и Трабзонспор во 16. коло од турската Суперлига.

Натпревар со неколку пресврти, спорни моменти, „загубени судии“ и на крајот гол во 98. минута на Галатасарај против Трабзонспор, во чии редови повторно го немаше македонскиот репрезентативец Енис Барди.

Имаше Галатсарај водство од 2-1, но потоа со два гола во вториот дел Трабзон дојде до водство од 2-3. Посебно спорен беше голот на Туфан за 2-3, кој сигурно ќе донесе сериозни анализи по мечот затоа што на голот му претходеше ситуација во која топката очигледно го напушти теренот со целиот обем пред центаршутот, но судиите не реагираа. А, не реагираше ниту ВАР-судијата…

Но, затоа, пак, во 63. минута ВАР реагираше и тоа со задоцнување. По прегледувањето на снимката, судијата Саглам досуди пенал за Галатасарај, а сигурен реализатор беше Батшуаи за 3-3.

И, кога се чинеше дека така ќе заврши натпреварот, дури во осмата минута од судиското продолжение, по еден прекин Батшуаи погодува со помош на Јилмаз за 4-3 и голема победа на Галатасарај.

Се вчитува...