Франција ја демолираше Холандија за само едно полувреме, поведувајќи со убедливи 3-0 на премиерниот квалификациски меч за ЕП 2024, прв натпревар на Роналд Куман по враќањето на клупата на „лалињата“ на местото на Луј ван Гал. Холанѓаните дојдоа ослабени во Париз, без неколку стандардни првотимци, но не ни помислуваа дека во толку раната фаза на мечот веќе ќе го имаат загубено натпреварот.
Франција поведе уште во третата минута, Гризман најпрвин одзеде топка на триесетина метри од противничкиот гол, за потоа во продолжение на истата акција на асистенција на Мбапе да постигне гол за 1-0. Само шест минути подоцна веќе беше 2-0 за Франција, а стрелец беше дефанзивецот Упамекано. Ова беше прв пат Холандија да прими два гола во првите осум минути од еден официјален меч уште од дуелот со Белгија во далечната 1951 година.
Мизеријата на Куман и неговите фудбалери ја продлабочи Килијан Мбапе, кој во 21. минута ги доведе „триколорите“ до водство од 3-0. Статистиката вели дека Франција не водела со 3-0 во 21. минута од некој натпревар уште од 17 декември 1953 година, кога „триколорите“ за ривал го имаа Луксембург, меч што на крајот го добија со убедливи 8-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

