Луис Дијаз: Хари Кејн е фудбалски феномен

Луис Дијаз имаше деби од соништата во дресот на Баерн Минхен откако екс-фудбалерот на Ливерпул беше стрелец во победата од 2-1 над Штутгарт во Супер-купот на Германија.

Колумбиецот стрелаше прецизно со глава за водство од 2-0, а Дијаз по мечот не го криеше задоволството од одиграниот меч, како и од освоениот трофеј на дебито за баварскиот гигант. Притоа, крилниот офанзивец имаше само пофални зборови за својот нов соиграч Хари Кејн.

„Многу сум среќен, да дадам гол на првиот меч и веднаш да го освојам првиот трофеј со Баерн, не можам да посакам ништо повеќе… Дојдов овде за да освојам што повеќе трофеи, пресреќен сум што сум дел од гигант како Баерн и што имам врвни соиграчи. Да играм крај Хари Кејн е навистина посебно, тој е фудбалски феномен и лесно е да се игра кога крај себе имате таков ас“, прокоментира Луис Дијаз.

Англискиот голгетер веднаш возврати на убавите зборови со комплименти на адреса на Дијаз.

„Веднаш се гледа колку е опасен во ситуации еден на еден, многу е брз и агилен. Голот на Дијаз само ја круниса неговата добра партија, да дадеш гол на официјалното деби за новиот клуб е навистина импресивно, стартот на оваа авантура за Дијаз е перфектен“, истакна Хари Кејн.

Баерн Минхен во првото коло од новата сезона во Бундес-лигата ќе го пречека Лајпциг на „Алијанц Арена“, меч закажан на 22 август.

Се вчитува...