Луис Дијаз: Ливерпул е институција, сакам да останам овде

Луис Дијаз минатото лето беше поврзуван со заминување од Ливерпул, Колумбиецот беже желба на Барселона, а англиските медиуми најавуваа дека на негово место ќе пристигне Ентони Гордон од Њукасл. Тој трансфер не се реализираше, што беше најдобра можна работа и за Ливерпул и за Дијаз, ако се знае дека „црвените“ се закитија со титулата за која колумбискиот крилен офанзивец даде значаен придонес, постигнувајќи 17 гола и осум асистенции во текот на целата сезона во сите натпреварувања.

Сега повторно се шпекулира дека Дијаз би можел да си замине од „Енфилд“ по интересот што го покажуваат клубови од Саудиска Арабија, но одличниот офанзивец јасно стави до знаење дека сака да остане во Ливерпул.

„Јас сум среќен човек од првиот ден кога пристигнав овде, кога го облеков дресот на Ливерпул. Уживам играјќи за овој клуб, кој е вистинска институција. Ако се прашувам јас, сакам да останам овде уште долго… Сепак, не зависи секогаш се само од мене“, изјави Дијаз.

Тој е член на Ливерпул од јануари 2022, кога дојде од редовите на Порто во трансфер вреден 54 милиони евра. Позитивно за „црвените“ е што тој има договор до јуни 2027 година, па Ливерпул не мора да брза со преговорите за продолжување на соработката летово.

Се вчитува...