Челси доживеа шокантен пораз од Бурнемаут (0-3) на „Стемфорд бриџ“ и тоа го ’раздрма’ и сопственикот Роман Абрамович. Тој почна да го бара наследникот на Антонио Конте за клупата на лондонските „сини“, а при уште едно непријатно изненадување може и веднаш да му ја покаже вратата на Италијанецот. Како можно решение се споменува Карло Анчелоти, но се чини дека рускиот тајкун подготвува многу поголемо изненадување.
Челси во осминафиналето на Лигата на шампионите ќе се сретне со Барселона, а Абрамович сака на „Стемфорд бриџ“ да го доведе Луис Енрике. Многу изгледно е тој да пристигне и пред двомечот со Барселона, па да биде еден од силните адути на актуелниот англиски првак во битката со каталонскиот тим. Луис Енрике многу добро ја познава екипата на Барселона, со оглед дека долг период го предводеше нивниот состав.
За доаѓањето на Луис Енрике веќе наголемо се пишува и во англиските медиуми. Има уште неполни три седмици до првиот дуел меѓу Челси и Барселона, кој ќе се одигра во Лондон.
„Конте е разочаран од Челси, а и Челси е разочаран од Конте. Решението е едноставно, слободен е Луис Енрике“, наведува познатиот британски спортски новинар Мартин Самуел во својата најнова колумна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА