Луис Енрике од денеска повеќе нема да биде селектор на Шпанија, откако трофејниот стратег донел одлука самиот да се повлече од функцијата по сериозните семејни проблеми поради кои не ја водеше репрезентацијата на последните три натпревари. Деталите за проблемите не беа обелоденети во јавноста, но откако Енрике не се појави ниту на јунските квалификациски средби стана очигледно дека станува збор за исклучително сериозна ситуација.
Токму поради тоа, претседателот на Шпанската Федерација, Луис Рубиалес и спортскиот директор Хозе Франциско Молина, ја прифатиле одлуката на Енрике за повлекување од функцијата. Тие претходно му изразуваа целосна поддршка на селекторот во тешкиот период за неговото семејство, но откако стана јасно дека тој не може да се посвети на репрезентацијата, разделбата стана неизбежна.
За нов селектор ќе биде именуван Роберто Морено, помошникот на Луис Енрике кој во отсуство на селекторот ја водеше „црвената фурија“ на претходните три средби на кои Енрике не беше во можност да седи на клупата на националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА