Луис Фиго, нов претседател на Ристовски во Спортинг?!

Војната во Спортинг Лисабон ќе заврши со отказ за претседателот Бруно де Карвалјо, кој со изјавите против фудбалерите го навлече бесот не само на играчите, туку и на навивачите и на спонзорите на португалскиот фудбалски гигант. Ова го најавува тиражниот португалски весник „О Жого“, кој тврди дека Де Карвалјо во најскоро време ќе биде сменет од функцијата, а како сериозен кандидат за негов наследник се споменува името на Луис Фиго.

Компанијата „Холдимо“, која е најголем акционер со 29,8% од вкупниот број на акции во клубот најавила тужба против Бруно де Карвалјо, поради нарушен имиџ на клубот, што придонел да дојде и до значителни финансиски загуби поради падот на вредноста на акциите. Токму челниците на „Холдимо“ ќе ја стартуваат иницијативата за смена на актуелниот претседател, а воедно ќе го контактираат и Фиго нудејќи му ја оваа функција.

Луис Фиго во моментов работи во УЕФА, како личен советник на претседателот Александер Чеферин, но португалскиот ас покажал интерес да биде и предводник на гигантот од Лисабон.

Во меѓувреме, Стефан Ристовски и соиграчите продолжуваат со тренинзи, по што Спортинг комплетен ќе настапи на реваншот против Атлетико Мадрид во четвртфиналето од Лигата на Европа.

Се вчитува...