Луис Хамилтон нема намера да го напушти Мерцедес во блиска иднина и нема да премине во Ферари иако е голем фан на италијанскиот тим. Британецот седна во болидот на Мерцедес во 2013 година и оттогаш освои две шампионски титули. Актуелниот договор со Мерцедес на Хамилтон му истекува на крајот од сезоната во 2018 година.
„Немам такви планови да заминам од Мерцедес. Вистина е дека сакав да се обидам со два различни конструктори и да освојам титула и со двата бидејќи имаше дилеми дали после титулата со Мекларен ќе можам да го повторам тој успех и со друг тим. Се радувам што им докажав дека можам“, изјави Луис Хамилтон.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф претходно откри дека веќе почнале преговори со Хамилтон за продолжување на договорот и убеден е дека резултатот ќе биде позитивен.
„Јас сум голем фан на Ферари, тоа е фантастичен тим. Но, јас сум задоволен со местото што го имам во моментов во Мерцедес. Атмосферата во тимот е неверојатна“, вели Хамилтон.
По десет трки во Ф1 шампионатот, Луис Хамилтон моментно е на втората позиција во генералниот пласман на возачи со 173 бода, само еден помалку од Себастијан Фетел кој е на водечката позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА