Нико Розберг ја шокираше Ф-1 јавноста со одлуката по освоената титула да ја заврши кариерата, а лесно може да се случи годинава истото да го стори и Луис Хамилтон. Британецот, кој важи за еден од најдобрите возачи на денешницата, во интервју за магазинот на ФИА откри дека се уште нема донесено конкретна одлука за својата иднина, не исклучувајќи ниту завршување на кариерата накрајот од 2017 година.
„Мојата судбина е во моите раце. Сам ќе одлучам што сакам, можам да решам дури и да ја завршам кариерата на крајот од сезонава. Дали тогаш моите успеси ќе вредат помалку отколку доколку се тркам уште пет години. Кој би знаел… затоа добро ќе размислам пред да ја донесам конечната одлука“ – истакна Хамилтон.
Возачот на Мерцедес сепак пред себе има зацртано една амбициозна цел – кога ќе замине, тоа да го стори како легенда на овој спорт, да биде популарен како што беше неговиот тркачки идол Аиртон Сена.
„Сакам да бидам како Аиртон Сена, тоа не е никаква тајна. Сите се уште го посочуваат како еден од најдобрите во историјата, но и како фер-возач на патеката. И јас сакам да бидам запаметен по истото, по мојата посветеност, способноста и стилот на возење“ – открива Луис Хамилтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА