Луис Хамилтон сака Ферари да изгради автомобил во 2026 година што ќе носи дел од неговиот возачки идентитет. Легендарниот Британец не крие дека почетокот на животот во црвениот оддел бил далеку од идеален.
Откако се префрли од Мерцедес, Хамилтон се мачеше да најде врска со СФ-25 на Ферари, па во поголемиот дел од сезоната досега, тој е значително послаб од клупскиот совозач Шарл Леклер.
„Се испостави дека Шарл и тимот пронашле начин да го направат автомобилот да функционира. Ги пробав сите други начини што треба да функционираат, но од некоја причина едноставно не функционираат“ – им рече Хамилтон на новинарите во Силверстоун.
„Постепено се приближував сè поблиску до поставките на Шарл. Но, сепак е тешко. Рамнотежата е чувствителна, а возењето не е пријатно.“
Затоа тој веќе активно работи со инженерите на Ферари, така што следниот автомобил подобро ќе одговара на неговиот стил.
„Работам со сите момци во фабриката за да се осигурам дека следниот автомобил природно ќе има дел од мојата ДНК во него. Се надевам дека ќе можеме да внесеме некои карактеристики што сакам да ги видам во автомобилот за следната сезона.“
Промените што се воведуваат до 2026 година вклучуваат целосно нова техничка регулатива. Аеродинамичките правила ќе бидат значително изменети, како и конфигурациите на погонските единици. Тоа значи идеална можност за Хамилтон да помогне во обликувањето на автомобил што му одговара повеќе.
Во Италија, расте притисокот врз Ферари да обрне поголемо внимание на коментарите на Хамилтон. Медиумите сè повеќе го критикуваат тимот дека не го користи доволно богатото искуство на својот седумкратен шампион.
Заменик-шефот на тимот, Жером д’Амброзио, рече дека мислењето на двајцата возачи се почитува.
„Ги слушаме повратните информации од возачите – не само едниот, туку и двајцата. Интересно е што кога станува збор за фабричките состаноци, двајцата возачи честопати излегуваат со многу слични барања, концептуално, за тоа што им треба од автомобилот. Се обидуваме да го вклучиме тоа. Секако, дел од развојот е едноставно да се зголеми притисокот и перформансите. Но, исто така, постојат многу аспекти што можат да се прилагодат за да им се дадат алатки на возачите со кои ќе работат. Постојат две фази и не мислам дека се целосно одвоени. Првата е општата рамнотежа на карактеристиките што носат перформанси. Потоа доаѓа втората фаза – онаа каде што е апсолутно клучно да се слушаат возачите“ – рече Белгиецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

