Лука Дончиќ ќе игра на Евробаскетот

Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, ќе игра за Словенија на претстојното Европско првенство, кое ќе се одржи во Латвија, Полска, Финска и Кипар.

Дончиќ се подготвува за своите обврски во словенечката репрезентација и потврди дека ќе учествува на Европското првенство во 2025 година, објави новинарот на ESPN, Дејв Мекменамин.

Лука ја заврши својата НБА сезона пред неколку дена, откако Лејкерси беа елиминирани од Минесота во првото коло од плејофот на Западната конференција. Резултатот во таа серија беше 4:1 за тимот од Минеаполис.

Тој беше шокантно трејдуван од Далас во Лејкерси на средина од сезоната, сега е на одмор, па ќе се посвети на своите обврски во словенечката репрезентација.

Неговата репрезентација ќе игра во групата Д во Катовице, а нејзини ривали ќе бидат Полска, Франција, Исланд, Белгија и Израел. Со Лука во тимот, амбициите на Словенија ќе бидат големи.

Дончиќ има 26 години, а во 2017 година го освои Европското првенство со Словенија.

Се вчитува...