Лука Јовиќ, најслаб напаѓач на Реал Мадрид во 21. век

Лука Јовиќ е убедливо најслабиот напаѓач што Реал Мадрид го има во своите редови во 21. век. Ова е исходот на анализата на мадридскиот весник „Марка“, жестоко критикувајќи го српскиот репрезентативец кој пристигна минатото лето од Ајнтрахт за сума од 60 милиони евра.

„Два гола на Лука Јовиќ цела сезона, тоа е причина за аларм. Бројката е ужасна сама по себе, но е ушт полоша ако се земе во предвид дека Реал плати 60 милиони евра за да го доведе. Тоа значи дека секој од головите на Јовиќ, против Леганес и Осасуна, ги чини „кралевите“ по 30 милиони евра. Згора на тоа, двата гола се постигнати откако победата веќе беше осигурана“, пишува „Марка“.

Токму поради ова, шпанскиот весник препорачува Србинот што поскоро да биде продаден, иако е јасно дека Реал нема да може да си ја врати целата инвестиција. „Марка“ потсетува дека толку слаби бројки во Реал Мадрид последен од напаѓачите имал Николас Анелка, кој постигна два гола во 1999 година пред да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Воедно, весникот го спореди ефектот на српскиот напаѓач со оној на Маријано Диаз.

„Маријано Диаз речиси и да не добиваше шанса по враќањето од Лион, но во сезоната 2018/19 постигна четири погодоци, иако одигра пет средби помалку од Србинот. Кога Јовиќ пристигна, тој реши да остане бидејќи веруваше дека Јовиќ не е подобар напаѓач од него. Бројките велат дека Диаз одигра дваесетина средби помалку од Јовиќ, а постигна еден гол – на големото дерби со Барселона“, се вели во анализата на „Марка“.

Интересен е податокот дека Гонзало Игуаин во својата прва сезона во Реал постигнал два гола за 23 натпревари, но тој пристигна од Ривер за 12 милиони евра, па секој негов погодок ги чинеше „кралевите“ по шест милиони евра, пет пат помалку од просекот на Јовиќ.

Најпрофитабилен напаѓач на Реал Мадрид во 21. век е Руд ван Нистелрој, кој пристигна од Манчестер Јунајтед за 15 милиони евра и постигна 33 гола на 44 средби за „кралскиот клуб“.

Се вчитува...