Лука Модриќ ја доби „Златната топка“ и стави крај на доминацијата на Меси и на Роналдо

Хрватскиот фудбалски репрезентативец и член на Реал Мадрид, Лука Модриќ е освојувач на „Златната топка“ за 2018 година, престижната индивидуална награда што ја посакува секој светски фудбалер, а ја доделува „Франс Фудбал“. На гала-манифестацијата во Париз, Хрватот ја заокружи фантастичната година во која ги собра сите можни признанија. Тој ја освои Лигата на шампионите со „кралскиот клуб“, а со репрезентацијата на Хрватска играше во финалето на Светското првенство во Русија.

Модриќ претходно беше прогласен за најдобар фудбалер на Светското првенство, ја доби наградата „The Best“ ФИФА, а беше прогласен и за најдобар фудбалер во изборот на УЕФА. Ова е четвртото големо признание за Модриќ во 2018, што досега не му испеало на ниту еден друг фудбалер. Со тоа конечно ја урна и доминацијата на Лионел Меси и на Кристијано Роналдо.

На втората позиција во изборот на „Франс Фудбал“ се најде Кристијано Роналдо, а третопласиран е Антоан Гризман. Потоа следуваат и Мбапе, Меси, Салах, Варан, Азар, Де Брујне и Кејн, меѓу најдобрите десет фудбалери за 2018 година.

Се вчитува...