Лука Стојановски не дозволи изненадување, Пелистер го скрши отпорот на Кожув

Пелистер ја прекина мини-кризата од два пораза (по еден во домашното првенство и во АБА2) откако битолчани вечерва славеа на домашен терен против Кожув со 92-87. Дуелот беше интересен до самиот крај, гостите успеаја да се вратат од „минус 11“, но Лука Стојановски со осум поени во последните две минути беше херојот на битолчани, не дозволувајќи изненадување во „Боро Чурлевски.

Антоан беше во главна улога кај Пелистер во почетните минути од натпреварот, постигнувајќи осум поени со кои битолчани го контролираа резултатот и имаа водство од плус пет во неколку наврати. Кожув сепак успеа да се врати, намали на 18-17, по што со поените на Едвардс првата четвртина заврши со 20-17 за Пелистер. Израмнетата игра продолжи и во текот на вториот период, гостите израмнија на 22-22, нешто подоцна и за момент поведоа со 30-31 со поените на Горан Главчев, но Пелистер подобро го заврши полувремето и благодарение на двете тројки на Стајиќ на одмор замина со предност од 43-37.

Избраниците на Александар Петровиќ конечно се одлепија во третиот период, со новите поени на Стајиќ стигнувајќи до првото двоцифрено водство (58-48). Домаќините влегоа во последната четвртина со предност од 70-59, но не знаеја да ја одржат позитивата. Кожув не се откажа, заигра храбро во последните десет минути, прими само седум поени за седум минути и со тројката на одличниот Стевановиќ поведе со 77-79. Петровиќ зеде тајмаут, во вистински момент за домашниот тим тројка погоди Лука Стојановски, враќајќи ги битолчани во водство од 80-79 на две минути до крајот. Антоан погоди две слободни фрлања, по што Стојановски погоди нова тројка и го приближи битолскиот состав до победата (85-79 на 80 секунди до крајот).

Гостинскиот тренер побара тајмаут, по што дојде до мал инцидент меѓу клупите на двата тима, мечот продолжи и токму Лука Стојановски постигна уште два поени од линијата за слободни фрлања, осигурувајќи ја победата на крајот изразена со конечните 92-87.

Антоан беше најефикасен кај Пелистер со 21 поен, Стајиќ одигра одличен меч со 17 поени (4/5 за тројка) и осум асистенции, додека херојот Стојановски го заврши мечот со 12 постигнати поени. Најдобри поединци кај Кожув беа Стевановиќ со 30 и Пилепиќ со 18 поени.

Се вчитува...