Лука Стојановски: Сите сакаме Македонија да ја претставиме во што подобро светло

Македонските кошаркари продолжуваат со тренинзите за претквалификациите за СП 2027, пред да заминат за Гевгелија каде ќе ја минат втората фаза од овој подготвителен период.

Атмосферата е на високо ниво, во исчекување на уште неколку кошаркари кои ќе му се стават на располагање на селекторот Илиевски, за на претстојниот двомеч со Швајцарија (25 и 26 јули) да се воиграат одредени детали во играта и подготвени да го дочекаме стартот на претквалификациите закажан за 2 август.

„Секогаш имам високи очекувањата за нашата репрезентација, и кога сум овде и кога не бев повикуван, бидејќи секогаш моја желба е што подобро да ја претставуваме државата на европската сцена. Точно е дека сме подмладени како репрезентација, со голем број играчи кои досега немаат настапувано за сениорскиот тим, ќе видиме кои 12 ќе бидат избрани за да ја претстават Македонија во овие претквалификации. Верувам во нас и во стручниот штаб, имаме селектор кој знае како да го извлече максимумот, да ги стави сите играчи на позициите на кои ќе го покажат најдоброто од себе, но и да создаде позитивна атмосфера во екипите во кои работи, сега и во репрезентацијата“, вели Лука Стојановски.

Тој верува дека иако значително подмладен, нашиот национален тим ќе успее да стигне до едно од првите две места во групата со Романија и Унгарија, што ќе значи пласман во следната фаза од квалификациите за СП.

„Сите сме подредени на репрезентацијата, сакаме да го дадеме најдоброто за националниот тим, ќе видиме до каде ќе стигнеме. Познавам дел од играчите на противниците од настапите по младинските првенства во минатото, но треба да се фокусираме на нас самите и на нашите изданија во овие претквалификации. Јас сум убеден дека имаме шанси да освоиме едно од првите две места во групата, секогаш ќе размислувам позитивно и со верба дека можеме да стигнеме до посакуваниот резултат“, оптимист е Лука Стојановски.

Се вчитува...