Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром утре, во Белград, ќе ги одмерат силите со Партизан (19 часот) во меч од исклучителна важност во борбата за опстанок во АБА-лигата.
Ова за „металците“ ќе биде прв дуел од вториот дел од сезоната во регионалното натпреварување. Несреќниот пораз на домашен терен од Морнар е веќе архивиран, а мислите се насочени кон тоа како да се изненадат црно-белите, за кои утре на клупата ќе дебитира новиот тренер Ненад Чанак.
Екипата напорно работеше изминативе денови, во кои беше остварена и лесна победа во мечот против Кожув во Гевгелија, а желбата на сите е да се покаже истото ниво енергија и желба за успех како и на дуелот со Морнар, но овој пат со позитивен епилог на крајот.
„Против Партизан треба да покажеме голема желба за надигрување, како и дел од енергијата која беше очигледна на неодамнешниот дуел со Морнар, а која секојдневно ја гледам на тренинзите. Факт е дека не може да му се заканувате на Партизан во Белград, особено во една ваква ситуација кога и кај нив доаѓа до шок терапија со промена на тренерот. Веднаш се гледа поинаква филозофија во нивната игра, пред се во пристапот. Но, ова е меч во кој сѐ е отворено. Ќе мора да одиграме цврста одбрана и да го спречиме противникот да не постигнува лесни поени во транзиција и во секундарни напади. И, ако ни се укаже шанса сигурно ќе пробаме да изненадиме“ – вели тренерот Лукајиќ.
Ова ќе биде 12-ти дуел на МЗТ Скопје и Партизан во АБА-лигата, а досегашниот меѓусебен скор е 7-4 во корист на тимот од Белград. Судии на средбата се Милија Војиновиќ, Марко Јурас и Бранислав Мрдак, сите од Србија, а предвиден е телевизиски пренос на МТВ и на Арена спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА