Тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, причината за новото очајно издание и убедливиот пораз на македонскиот првак, овојпат на гостувањето против Мега бемакс, ја најде во слабите тренинзи на „металците“.
„Редно е да се честита на победникот, кој не само што заслужи да слави туку и ни покажа како треба да се игра колективно. Малку подолго се задржав во соблекувалната од една причина, бидејќи е факт дека многу лошо реагираме на пресинг и цврста одбрана на противниците. Им реков и на играчите – тоа е продукт на тренинзите. Не дека ние не тренираме, но премногу сме меки, премногу сме другари, нема жар… се однесуваме како увредени невести, па ако некој некого турне веднаш доаѓа до расправа“ – изјави стратегот на „металците“.
Тој посочи дека отсуството на Соколов и Симоновски не може да биде оправдување за очајното издание.
„Може да се најдат изговори, дека сме без двајца повредени, дека на плеј имаме и еден играч тотално без искуство, дека имаме мала ротација на надворешните позиции – но сето тоа не може да биде оправдување за она што го говорев претходно, за недостатокот на борба. Знаеме каква е ситуацијата, се надевам дека ќе ни дојде памет за да ја спасиме сезоната“ – порача Лукајиќ.
Критичен за играта на својот тим беше и капитенот Дамјан Стојановски.
„Не знам што да кажам, бидејќи цел натпревар игравме катастрофално. Немавме одговор за нивниот пресинг, а во нападот немавме ниту течност во поставените акции, ништо не ни поаѓаше од рака. Со еден збор, катастрофа“ – истакна Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА