Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром утре во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува актуелниот шампион во АБА-лигата, тимот на Црвена звезда (18 часот), посакувајќи да докаже дека триумфот против Цибона во Загреб не беше случаен.
„Црвено – белите“ најверојатно ќе бидат без повредените Перо Антиќ и Џејмс Фелдин, но ситуацијата е далеку од идеална и во таборот на „металците“, со оглед дека на овој меч сигурно нема да настапат повредените Марко Симоновски и Дарко Соколов, а прашање е колку ќе може да помогне и Игор Пенов.
Тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ, од своите избраници бара да покажат карактер, а со тоа и дека не бил случаен триумфот над Цибона во Загреб минатиот викенд.
„Црвена звезда не само што е фаворит во оваа средба туку е и фаворит за триумф во целата АБА-лига, тим кој деновиве дури и дополнително се засили со одличниот Ален Омиќ. Исклучително се квалитетни на сите позиции, поради што не треба премногу да се грижат што имаат повредени кошаркари каков што е случајот во нашиот табор. Имаме голема обврска да потврдиме дека победата над Цибона не е случајна, туку дека ја креваме формата и дека влегуваме во посакуваниот ритам. Исклучително ми е важно против тим како Ц. Звезда да покажеме карактер, за да видиме до каде сме и во кој правец одиме. Имам верба во нашиот тимски дух и во борбеноста, која верувам дека ќе ја препознаат и нашите навивачи, од кои и тоа како ни е потребна поддршка“, вели Лукајиќ за официјалниот сајт на клубот.
Билетите за овој меч веќе подолго време се во продажба и тоа по цена од 100 денари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА