Лукаку ќе дојде и за пола плата, само за пак да заигра за Конте

Ромелу Лукаку е решен да го облече дресот на Наполи, а за тоа да се случи белгискиот голгетер дури се откажал и од речиси 50% од загарантираната плата што ја има со договорот со Челси.

Белгискиот џин треба да добие 11 милиони евра во наредната сезона со лондонскиот клуб, но „Газета дело спорт“ вели дека тој ги забрзал преговорите со Наполи откако се согласил на сериозно намалување на платата. Конкретно, Лукаку е подготвен да потпише тригодишен договор за плата од шест милиони евра по сезона плус бонуси, што наишло на одобрување кај Аурелио де Лаурентис и пред се кај Антонио Конте, кој во Белгиецот гледа предводник на нападот на својот тим во наредната сезона.

Челси исто така ја намалил сумата што ја бара, од 42 на 35 милиони евра, но Наполи се уште нема испратено нова понуда по оние 25 милиони што беа одбиени од страна на премиерлигашот. Добро упатени извори тврдат дека „наполитанците“ тактизираат се додека не го продадат Виктор Осимен. Сепак, се очекува преговорите со ПСЖ да се интензивираат во текот на следната седмица, Наполи да заработи над 80 милиони евра од својот најдобар стрелец, а потоа да инвестира дел од овие пари токму во Ромелу Лукаку.

Се вчитува...