Белгискиот интернационалец Ромелу Лукаку ќе биде една од ѕвзедите на летниот преоден рок, откако најави дека нема да го продолжи својот договор со Евертон и сака трансфер во клуб што следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите. За него постои интерес од неколку гиганти, но се чини дека најблиску се Челси и Манчестер јунајтед. Сепак, тој самиот преферира да се врати на „Стемфорд бриџ“ во обидот да се докаже, затоа што во својот прв престој многу почесто беше на клупата за резерви и на трибините. Тогаш Мурињо беше менаџер на „сините“ и одлучи да го продаде на Евертон за 28 милиони фунти.
Според информациите од Островот, Лукаку му соопштил на својот агент Мино Раиола дека сака да се врати на голема врата во тимот на Челси, кој ова лето ќе купува врвен напаѓач, затоа што е најавено заминувањето на Диего Коста. Токму Лукаку би бил одлично засилување за Антонио Конте, иако се споменува и доаѓање на Алваро Мората од Реал Мадрид.
Евертон нема да го продаде Лукаку без отштета од 70 милиони фунти, но Челси е доволно моќен за да плати таква сума, посебно што и ќе заработи од продажбата на Диего Коста.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА