Пелистер е прв финалист во Купот на Македонија, откако под „Тумбе кафе“ ја совлада Брегалница со 1-0 и го визираше патот за големото финале, по ремито 2-2 на првиот полуфинален дуел во Штип. Бразилецот Лукас Федерира Кардосо беше стрелец на победничкиот гол за битолскиот прволигаш постигнат во 80.минута од средбата. Ќе биде ова четврто финале за Пелистер во Купот на Македонија, со надеж дека ќе стигне и до вториот трофеј.
Лукас доби одлична топка од Баже Илијоски, беше тоа класичен противнапад, Бразилецот излезе сам пред голнманот Кобетиќ и пласираше во подалечниот агол за заслужено водство.
Пелистер подобро го почна натпреварот, имаше убава можност преку Баже Илијоски, но Кобетиќ беше на вистинското место. Стефан Ристовски во 37.минута имаше одлична шанса за да донесе водство за штипјани, но, Илче Петровски одлично интервенираше. На стартот на вториот дел, Баже Илијоски се реши за удар од 20 метри, но овојпат Кобетиќ беше на висина на задачата.
Дуелот беше одлучен во 80.минута, кога Лукас Фереира Кардосо конечно успеа да ја затресе мрежата на Брегалница. Во второто полуфинале, кое се уште е во тек, Вардар има водство од 0-1 во Тетово по 80 минути игра, но Шкендија на првиот меч во Скопје славеше со 1-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА