Луковиќ е МВП на колото со „монструозен“ индекс 49

Колото број 7 во Супер лигата ќе биде запаметено по едно од најдобрите индивидуални изданија, она на Урош Луковиќ на средбата во која неговиот МКК Куманово загуби од Пелистер…

УРОШ ЛУКОВИЌ (МКК КУМАНОВО)

Уште една неверојатна изведба реализираше највисокиот кошаркар во Супер лигата. На дерби дуелот со екипата на Пелистер, дојде до еден несекојдневен дабл-дабл ефект. За нецели 32 минути во игра. дојде до 34 поени, со извонредна реализација во обидите од поле (13/16 за два) и нешто пониски (8/12) од линијата за слободни фрлања.

Освен тоа додаде и 19 скока, шест од нив во фазата на нападот. Плус четири блокади, една асистенција и две загубени топки. Или сето тоа заедно за 49 индексни поени, што е највисок индивидуален ефект во овие седум одиграни кола.

ЛАМАР ВАШИНГТОН (КОЖУВ)

Уште во својот прв настап за екипата на Кожув, покажа дека ќе биде добро засилување за тимот кој го предводи Апостоли Апостолов. Ги одигра скоро сите 40 минути на гостувањето во Скопје и дуелот со Феникс. Имаше одлична реализација во обидите за два поени (12/13), не и од линијата за слободни фрлања (1/5). Но додаде уште 12 скока (два офанзивни), три асистенции, две асистенции и една блокада за 36 индексни поени.

ЏАВОН ГРИН (МАЏАРИ)

Заедно со Амар Хот, творец на големиот „камбек“ и победа против Работнички. Одигра скоро 32 минути, или период од играта во кој имаше едно ол-раунд издание заокружено со реализација на 25 поени (4/8 за три, 5/6 за два и 3/5 за еден поен), како и осум скока, шест асистенции, и по една блокада, односно освоена и загубена топка, за индекс 32.

ЏАЈЛИН БИЛИНГСЛИ (ЧАИР 2030)

Конечно, една негова добра игра да биде валоризирана со успех, односно победа. Во ова седмо коло. Чаир 2030 дојде до првиот триумф во новата сезона, со негов значаен придонес. Одигра и повеќе од оние регуларни минути, скоро 43, во кои постигна 30 поени (2/5 за три, 11/15 за два и 2/4 за еден поен). Но и 13 скока, пет офанзивни од нив, четири загубени топки една блокада, една асистенција, за вкупно 31 индексен поен.

ГЛЕН АБРАМ (ГОСТИВАР)

Сосема добро беше и изданието на Абрам, но тоа не му донесе резултат на неговиот клуб, Гостивар на ова гостување во Чаир. Звучи помалку и неверојатно ако се знае дека остана на паркетот цели 44:35 минути. Притоа постигна 34.поени (2/9 за три поени, 9/12 за два и 10/11 за еден поен). Додаде и шест асистенции, два скока и една загубена топка пред да направи пет лични грешки и да „собере“ 30. индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Урош Луковиќ (МКК Куманово)

Ламар Вашингтон (Кожув)

Џавон Грин (Маџари)

Џајлин Билингсли (Чаир 2030)

Глен Абрам (Гостивар)

ВТОРА ПЕТОРКА

Лук Андерсон (Тиквеш Голден Игл)

Џејкоб Хатсон (Работнички)

Амар Хот (Маџари)

Џулиус Елербе (Гостивар)

Кајл Стурдивант (Чаир 2030)

Се вчитува...