Реал Мадрид е на чекор до пласман на фајналфор турнирот во Евролигата откако „кралевите“ триумфираа над Панатинаикос со 81-74, поведувајќи со 2-1 во оваа интересна четвртфинална серија. Серхио Љуљ се врати по осум месеци пауза и постигна осум поени во последната четвртина, пред клучната тројка да ја постигне Керол, со што беше ставен крај на надежите на гсотите од Грција за триумф во Мадрид.
Дуелот донесе бројни пресврти, Реал на стартот од третата четвртина поведе со двоцифрена разлика, но Калатес погоди две тројки во серија и ПАО експресно се врати. Во последната четвртина повторно првиот удар го дадоа „кралевите“, Љуљ постигна осум поени во серија, но гостинскиот тим преку Калатес и Џејмс стигна до израмнување. И кога беше најважно одговорноста ја презеде Керол, кој при „плус еден“ погоди тројка под фаул на Калатес, ја крена разликата на „два напади“, по што Реал го исконтролира резултатот до самиот крај и конечните „плус седум“.
Токму Керол со 17 поени и стопроцентен шут беше најзаслужен за оваа победа на Реал, Руди Фернандез постигна девет поени, а Лука Дончиќ имаше седум поени и десет скока зад своето име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА