Љутиќ славеше во Крањска Гора и се искачи на врвот во генералниот пласман

Хрватска повторно има скијачка од највисока класа откако Зринка Љутиќ успеа да триумфира на слсломската трка што се возеше во Крањска Гора.

Оваа 20-годишна скијачка минатата седмица стигна до првата победа во кариерата, одличната форма ја потврди со денешниот триумф во соседна Словенија, со кој Љутиќ успеа да се искачи и на врвот во рангирањето во Светскиот куп.

Таа по првата трка имаше исто време како и Венди Холденер, но Хрватката со извонредната втора трка ги остави зад себе ривалките и се искачи на највисокото место на пиедесталот. Второто место и припадна на Холденер со 16 стотинки послабо време, а третопласирана заврши Ана Свен Ларсон со 19 стотинки побавно време од победничката.

„Немам зборови, се чувствував добро, знаев дека треба да финиширам што посилно и ми успеа. Им благодарам од срце на сите оние кои дојдоа да ми дадат поддршка, ова е са почеток…“, изјави Љутиќ, која стана прва хрватска скијачка која успеала да стигне до триумф во слалом во Крањска Гора.

Зринка Љутиќ со денешната победа е нов лидер во генералниот пласман во Светскиот куп со 456 бода, девет повеќе од Сара Хектор. Таа е најдобра и во слалом-трките, досега има собрано 309 бода, четири повеќе од Камил Раст на втората позиција.

Се вчитува...