„Играте ко пи*ки“, им порачаа „Комити“ на своите миленици, откако не победија ниту на вчерашниот меч против Силекс во Кратово. А ако се гледаат претходните три меча, резултатски поминаа дури и добро, затоа што претходно губеа.
10 црни денови се зад Чедомир Јаневски и фудбалерите на шампионот. За 10 дена, загубија три пати, еднаш ремизираа, ниеднаш не победија и имаат гол разлика, 1-10!
А и тој еден гол – го постигнаа од пенал, против Работнички. Нешто зар’ѓа онаа шампионска машинерија на „црвено-црните“ која претходно сите ја прогласивме за херојска, по елиминацијата на Фенербахче и влезот во групната фаза од Лигата на Европа.
Причини за кризата има повеќе, од натрупаниот распоред на натпревари, до ’истенчениот’ распоред на исплаќање на финансиите, па се до лошиот летен преоден рок. Од Вардар си заминаа стартери, а дојдоа фудбалери кои се уште треба да се докажуваат, и да се наметнат во редовите на шампионот. Ниту најавуваниот „супер-стрелец“ Максим Максимов, го нема никаде…да даде барем еден гол.
За ова, секако, најповикан за анализа е тренерот Чедомир Јаневски. Ќе треба добро да анализира дали теренот на Могила беше многу лош (нерамен), или пак на арената „Филип Втори“ е многу рамен. Или, пак, во Кратово е многу високо за „вардарци“ да победат?! Едно е јасно, на последните четири меча, Вардар даде само еден гол – од пенал, а на сите тие мечеви создаде идентично толку шанси, колку што направи во едно полувреме, само против Шкендија. И тоа во второто, кое единствено го одигра во шампионски ритам.
Како што живееше Јаневски на ловориките дека успеа да го елиминира турскиот гигант Фенербахче и испиша историја со Вардар, што е непобитен факт, така ќе треба сега да ги засука ракавите и заедно со фудбалерите, да излезе од оваа црна резултатска криза. Затоа што од шампионот се очекува да победува, нели…
Во досието на Вардар сега стои: 10 црни денови, три порази и едно реми, и гол разлика 1-10!
А допрва доаѓа нов дуел со Реал Сосиедад во Лигата на Европа, на кој му се припишуваат шест од овие десет погодоци во мрежата на Гачевски. Да не испадне дека всушност онаа посакувана „Ревардаризација“ донесе во реалноста „Лузеризација“.
10 ЦРНИ ДЕНОВИ ЗА ВАРДАР
29.10.2017 СИЛЕКС – ВАРДАР 0-0
25.10.2017 РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 3-1
22.10.2017 ПОБЕДА – ВАРДАР 1-0
19.10.2017 ВАРДАР – РЕАЛ СОСИЕДАД 0-6
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА