„Ма, каква Саудиска Арабија, фудбал играм од љубов“

Голманот на Ливерпул и бразилската репрезентација Алисон (31) откри дека имал понуди од клубови од Саудиска Арабија кои ги одбил за да остане на Енфилд. Многу играчи на Ливерпул во изминатите сезони не можеа да им одолеат на саудиските милиони, па во таа арапска земја заминаа клупски легенди како Фабињо, Роберто Фирмино и Џордан Хендерсон.

Алисон пристигна во Ливерпул пред шест години од Рома, веднаш се наметна како клупска единица и под водство на Јирген Клоп ја освои Лигата на шампионите и долгоочекуваната англиска титула. Тој откри дека е отворен и за продолжување на договорот со Ливерпул, кој е со важност уште две години:

„Сакам да го испочитувам мојот договор овде или да направам нов. Навистина сум среќен. Моето семејство е среќно што никогаш не сум стигнал до точка да зборувам за пари, но кога ќе слушнете за бројките што ги добиваат другите играчи, некако сте навлечени. Тоа е нормално. На крајот на денот, играм фудбал за љубов, тоа е нешто што сакам да го работам, но тоа е наша професија и сакаме да ги искористиме максимално годините што ги имаме. Мислам дека лично сум отворен за тоа, но не во моментов. Сега не е време. Додека имам уште договор овде, ќе бидам фокусиран. Ако е во интерес на клубот да ме продаде, тогаш ќе биде поинаку“, изјави Алисон.

Се вчитува...