Маџари дебитира во Првата лига… Тодоровиќ: Имаме квалитет…

Се е подготвено за стартот на новата сезона во кошаркарскиот шампионат во кој дебитантот Маџари ќе се сретне со шампионот МЗТ Скопје („Јане Сандански, 18 часот). Екипата на Маџари минатата сезона се закити со титулата во Втората лига, добивајќи билет за елитното друштво за првпат од постоењето на клубот.

На клупата на Маџари и во новата сезона останува Миодраг Тодоровиќ, младиот стратег кој првите тренерски чекори ги правеше како дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје, а денеска своето прволигашко деби ќе го има токму против аеродромци кои доминираат на домашната сцена повеќе од една деценија.

„Подготвени сме за предизвикот пред нас, не само за денешниот дуел со МЗТ туку и за сето она што ќе го очекува нашиот тим во наредниот период. Задоволен сум од сработеното во подготвителниот период. Одигравме пријателски натпревари со квалитетни противници, овие дуели ги искористивме за темпирање на формата верувам дека во вистински ритам го дочекуваме стартот на сезоната“, вели Тодоровиќ.

Овој тим добро се засили во текот на летово, успевајќи да ги доведе репрезентативците Хот и Луканоски, како и неколку странски кошаркари, а задржани без дел од првотимците од ланскиот ростер предводени од искусниот Ивица Димчевски, кој беше предводник на тимот при влезот во елитата.

Распоредот не им е наклонет на кошаркарите на Маџари кои во првите четири кола ќе се сретнат со три од ланските четири полуфиналисти, плус засилениот Пелистер.

„Можеби ждрепката не ни беше најнаклонета, но она што јас како тренер го барам е да се обидеме да ја играме сопствената игра, без разлика на противникот. Квалитетно се засиливме и добро сме покриени на сите позиции, можам да кажам дека сите сме максимално мотивирани, да докажеме дека местото ни е во македонската кошаркарска елита“, оптимистички е расположен младиот стратег на чело на Маџари.

Во првиот дуел од новата сезона, Маџари ќе ја има улогата на аутсајдер против шампионот МЗТ Скопје, но тоа во ниту еден случај не значи предвремена капитулација.

„Се знае што е МЗТ во македонската кошарка, како доминира во последните десетина години. Секако, тие се фаворити, но ова е спорт и во него не победува секогаш поквалитетниот тим. Очекувам да одиграме максимално ангажирано во текот на сите 40 минути, да покажеме интензитет во одбраната, ритам во нападот, секако дека нема да се предадеме без борба“, порачува Миодраг Тодоровиќ.

Се вчитува...