Маџари до голема победа – лекција по кошарка за Куманово

Маџари уште еднаш покажа зошто важи за хит на сезоната во Супер-лигата откако новиот член на елитното друштво славеше над Куманово со убедливи 94-78. Младиот стратег Миодраг Тодоровиќ целосно ја доби тактичката битка со стариот лисец Марин Докузовски, кошаркарите на Маџари доминираа на теренот од првата до последната минута и заслужено се радуваа на триумф на самиот крај.

Маџари тргна моќно уште од првата четвртина, нападот функционираше одлично, но и одбраната на домашниот тим беше на високо ниво, не дозволувајќи им на гостите ниту за момент да влезат во ритам. Плејмејкерот Грин беше незапирлив постигнувајќи 13 поени во оваа четвртина, а токму со неговата тројка првите десет минути завршија со водство на домаќините од 29-19. Вториот период мина во израмнета борба, на одмор се замина со 51-42 за Маџари, а домаќините умешно го контролираа резултатот и во третиот период.

Маџари имаше „плус 16′ и на првиот меч во Куманово, но тогаш избраниците на Докузовски со голем пресврт стигнаа до победата. Кумановци дојдоа од 79-64 до 79-72 на пет минути до крајот, но следеше нова серија на Маџари, за импресивна завршница и триумф изразен со преубедливи „плус 16“.

Армстронг одигра одличен меч за Маџари постигнувајќи 27 поени, маестрален беше и Грин со 23 поени и 8 асистенции, додека Хот го заврши дуелот со 14 поени и 7 скокови. Кај кумановци повторно во главна улога беше Луковиќ со 25 поени и 19 скокови, недоволни за да се избегне убедлив пораз на овој натпревар.

Се вчитува...