Кошаркарите на новиот прволигаш Маџари ја запишаа и втората едноподруго победа во најсилната лига во домашниот шампионат, триумфирајќи во 6. коло на гостувањето против Кожув во Гевгелија со 79-84.
Повеќе од заслужена победа на составот на Миодраг Тодоровиќ кој доминираше во текот на целиот натпревар, и покрај тоа што домашните успеаја во финишот да внесат неизвесност
Натпреварот почна со израмнета игра во која Маџари ја доби првата четвртина со 18-20. Вистинска разлика беше направена во вториот период од играта кога со одлична одбрана а со прецизен шут за три поени гостите се одлепија, со „круната“ – тројката од половина терен на Хот во последната секунда од првото полувреме за предност од 33-48.
Во ист стил гостите од Скопје почнаа и во третата четвртина, доаѓајќи и до 22 поени предност, но домашните во финишот на третиот период успеаја да намалат за да во последниот период се влезе со 56-68.
Сепак, Маџари имаше контрола на резултатот и во последната четвртина, иако Кожув на две и пол минути до крајот дојде и до 68-74. Но, во следниот напад на две минути до крајот Миловановиќ погоди тројка за 68-77, и тогаш веќе беше јасен победникот и покрај тоа што домашните само успеаја да го ублажат поразот за конечни 79-84.
Пет кошаркари кај Маџари беа двоцифрени, од кои Димчевски беше најефикасен со 18 поени, Грин заврши со 16 поени, Хот заврши со 14 поени, а по 13 поени постигнаа Петкоски и Лафајет. Кај Кожув се издвои Николас со 29 поени и 13 скока, а Парвис заврши со 24 поени.
Кожув очекуваше и посакуваше победа против дебитантот Маџари но не успеа да стигне до целта, останувајќи на претходните три победи на стартот од сезоната, сега и со три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

