Дебитантот Маџари е на чекор до влез во плејоф разигрувањето откако скопскиот суперлигаш славеше во пресметката со Чаир со 105-83, зацврстувајќи си ја позицијата во битките за место во Топ 6. Откако во првиот круг од натпреварувањето загубија во Чаир, кошаркарите на Маџари вечерва одиграа маестрално, нападот на тимот предводен од тренерот Тодоровиќ функционираше беспрекорно, па триумфот е апсолутно заслужен.
Гостите парираа само до 12-10, по што Маџари врза шест поени во серија, успевајќи за првпат да се одлепи и првата четвртина да ја заврши со 27-19. Луис го реализираше првиот напад на домаќините во вториот период, за прво двоцифрено водство по што Маџари издоминира до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи 52-34.
Чаир влезе во подобар напаѓачки ритам во третиот период, гостите погодија неколку удари од далечина, но се приближија само до дванаесет поени разлика. Избраниците на Тодоровиќ го зададоа финалниот удар во последните десет минути, повторно доминирајќи на теренот и славејќи со конечните „плус 22“.
Армстронг го предводеше Маџари во овој триумф со 22 поени, два помалку постигна ветеранот Ивица Димчевски, додека прв стрелец на Чаир беше Билингсли со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

