Маџари потпиша со уште еден македонски репрезентативец

Екипата на Маџари успеа да доведе уште еден квалитетен македонски играч во своите редови, денеска комплетирајќи го трансферот на Марко Миловановиќ. Крилниот кошаркар е дел од поширокиот список на македонската репрезентација, а по Хот и Луканоски, тој до крајот на сезонава ќе го сочинува репрезентативното трио во таборот на суперлигашкиот дебитант.

Миловановиќ е поранешен јуниорски и младински репрезентативец на Македонија, кој во младинската кариера настапуваше во Италија, по што се врати во татковината и потпиша договор со МЗТ Скопје. Тој изминатото лето го напушти таборот на „металците“, по што денеска и официјално го стави потписот на договорот со Маџари и му се стави на располагање на тренерот Миодраг Тодоровиќ.

Маџари во првите четири кола покажа добра игра, но претрпе порази од фаворитите МЗТ Скопје, Куманово, Пелистер и ТФТ. Новиот суперлигаш се надева на повеќе среќа веќе в недела, кога на домашен терен ќе го пречека тимот на Тиквеш.

Се вчитува...