Маџовски: Ни треба само една победа за Пелистер да се крене

Ракометарите на Еурофарм Пелистер работат напорно за надминување на кризата со која македонскиот вицешампион се соочува од стартот на сезонава. „Пелистерци“ се без триумф на првите четири натпревари одиграни во Лигата на Европа (три порази и едно реми), а токму во последниот меч, на гостински терен против Тримо Требње претрпеа пораз во крајно слаба игра.

Тоа е само мотив повеќе за избраниците на Жељко Бабиќ конечно да се разбудат, да одиграат на посакуваното ниво и да стигнат до првиот европски триумф.

„Можам да ви кажам дека во Словенија одигравме еден од нашите најслаби натпревари. Иако создававме позиции и шанси, имавме голем проблем со реализацијата. Противникот не нè изненади со ништо од тоа што го подготвувавме, па дури и можам да кажам дека го спречивме нивното најсилно оружје – транзиција и брзата игра. Сепак, со тринаесет промашени зицери, тешко се добива натпревар. И минатата, а и оваа сезона се соочуваме што и на добиени натпревари, не ги освојуваме бодовите. Веруваме дека и тоа ќе го надминеме. Го оставаме последниот натпревар зад нас, се спремаме и во вторник се надеваме дека ќе излеземе како победници. Ни треба една победа да се крене екипата, да ја врати самодовербата. Иако можам да кажам дека атмосферата е добра во клубот, тренираме и се спремаме одлично, но ни треба таа една победа да ја вратиме самодовербата“, истакнува Бојан Маџовски, македонскиот репрезентативец во редовите на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...