Столе Димитриевски е убедливо најдобриот поединец по двата натпревари во македонската репрезентација на ЕВРО 2020. Сето тоа го издвои на „листата“ на присутните скаути од најголемите европски лиги во Букурешт, поради што, како што дознава ЕКИПА, за него ова лето претстои преселба во далеку поголем клуб.
Според информациите на ЕКИПА, веќе Севилја и Валенсија се два клуба кои ова лето посакуваат да го видат Димитриевски во своите редови. Доколку Рајо Ваљекано не успеа да се избори за Ла Лига на мајсторката која против Џирона ги очекува утре, тогаш Димитриевски со сигурност го менува клубот. Валенсија е клуб кој силно гризе за услугите на Димитриевски, и покрај тоа што е јасно дека цената на македонскиот голман по ЕВРО 2020 значително ќе порасне.
Димитриевски досега има 22 настапи во најсилната шпанска лига, со Гранада и Рајо Ваљекано. Сега, се чини, повторно следи негово враќање во Ла Лига, каде и му е местото согласно квалитетите.
Македонија прими пет гола на два натпревари на Европското првенство досега, а Столе Димитриевски е најсветлата точка во македонската репрезентација. Тоа и донекаде доволно покажува за тактичката поставеност на тимот.
Во 180 минути досега на ЕВРО 2020, Димитриевски има вкупно 11 одбрани, од кои седум на дуелот со Украина. Од нив четири удари од внатрешноста на шеснаесетникот, и плус и еден пенал, што доволно зборува кој ја спаси Македонија и од далеку поубедливи порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА