Магдевски донесе победа на Пелистер во драматичниот финиш со Гостивар

Пелистер ја забележа деветтата овосезонска победа откако актуелниот вицешампион славеше на домашен терен против Гостивар со 89-88, одмаздувајќи му се на овој ривал за неочекуваниот пораз во првото коло од оваа сезона. Битолчани повторно имаа осцилации во играта, но една фуриозна четвртина, онаа втората, им беше сосема доволна за да стигнат до посакуваниот резултат и да се задржат на второто место на прволигашката табела. Гостите заслужуват комплименти за покажаниот карактер и враќањето од двоцифрена негатива до неизвесна завршница, но Магдевски беше играчот што ја донесе победата со прецизно изведено слободно фрлање во самиот финиш.

Првата четвртина мина во нешто подобра игра на гостите од Гостивар, кои имаа водство од 13-20, Пелистер успеа да се врати, но гостиварци благодарение на поените на Златевски го добија овој период од мечот со 26-29. Вториот период мина во апсолутна доминација на домашниот состав, избраниците на Радуловиќ одлично ги затворија приодите кон сопствениот кош примајќи само шест поени (23-6) и на одмор заминаа со водство од убедливи 49-35.

Гостивар покажа карактер, успеа да се врати во второто полувреме и да внесе неизвесност, па иако Пелитер имаше 87-80 на нешто повеќе од една минута до крајот  гостите не се откажаа, намалувајќи на 87-86 на 16 секунди до крајот. Бернард погоди едно од двете слободни фрлања, по што Митевски реализираше два „пенала“ на спротивната страна израмнувајќи на 88-88. Во последниот напад беше направен фаул над Магдевски, македонскиот репрезентативец го погоди првото, потоа го промаши второто слободно фрлање, но и тоа беше доволно за да се стигне до минимален триумф.

Планиниќ со 22 поени беше најефикасен во победничкиот тим, 19 постигна Маслинко, додека Магдевски го заврши мечот со 11 поени и осум асистенции. Кај Гостивар најзабележителни беа Вилијамс со 22 и Остен со 19 поени.

Се вчитува...