По успешните претквалификации за СП 2023, пред македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа нов предизвик наречен „мисија Мундобаскет 2023“ во кој силите ќе си ги одмериме со Шпанија, Украина и Грузија.
И покрај тоа што овие репрезентации нема да настапат со своите најдобри кошаркари, на „црвено-жолтите“ нема да и биде нималку лесно против фаворизираните противници кои ќе мора да ги изненадиме и на гостински терен.
„За да се игра на Светско првенство потребно е да се победуваат големи репрезентации. Така да ќе мора да играме паметно, да дадеме се од себе, да не се предадеме. Притисокот е на страна на противниците, ние немаме што да изгубиме и може само да добиеме. Сите карти се отворени, одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар па времето ќе покаже до каде сме и која е реалната слика за нашата репрезентација“, изјави за ЕКИПА, Андреј Магдевски.
Ростерот на репрезентацијата претрпе промени во однос на претквалификациите, но не го доби и подмладувањето кое беше најавувано. Во него го нема лидерот Трајковски, Марковски и младитe Андоновски и Миловановиќ, а се вратија искусните Дамјан Стојановски, Николовски, Ѓуроски, Младеновски и Маслинко.
„Има време и сите играчи ќе стигнат до репрезентацијата. Не може да направиме моментален успех со нагло подмладување. Потребни се искусни кошаркари да ја носат екипата и да ја држат позитивната атмосфера. Има таленти во нашата држава и верувам дека во наредните години повторно Македонија ќе настапува на едно големо првенствто“, додава бекот.
Андреј Магдевски кој прераснува во еден од лидерите на новата генерација репрезентативци оваа сезона собира искуство во романското првенство каде настапува за Плоешти.
„Романија е едно нови позитивно искуство за мене. Има голема разлика од нашата лига во физичката подготвеност на играчите и дозволената контакт игра на терен. Имаме мала криза во резултатите во последните неколку кола, но се надевам дека после ФИБА прозорецот ќе почнеме да победуваме повторно и ќе продолжиме да се бориме за влез во плејофот“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА