Магдевски по успешната сезона во Романија: Го вративме Плоешти на кошаркарската мапа, но остануа жал за плеј-офот…

Еден од најдобрите македонски кошаркари, Андреј Магдевски оваа сезона се одлучи повторно за „заплива“ на интернационалната сцена. Како дестинација ја одбра Романија и се посилното романско првенство, а таму со успех го носеше дресот на Плоешти.

Македонецот за „портокалово-сините“ настапи на 25 средби во кои забележа „ол-ароунд“ просек од 11.3 поени, 5.9 асистенци и 4.8 асистенции со кои беше трет најдобар поентер и „скокач“ во својот тим, и убедливо најдобар асистент. Притоа бекот регуларниот дел од сезоната го заврши како втор најдобар асистент во првнеството, а е и меѓу петте најдобри во категоријата украдени топки со 1.9 во просек.

Неговиот тим беше блиску и до пласман во плеј-офот, но на крајот пресудија неколку неизвесни натпревари во кои среќата не беше на страната на Плоешти. Македонскиот репрезентативец не го криеше задоволството од успешната сезона, но жали за пропуштената шанса за пласман во разигрувањето за титула.

„Задоволен сум од аспект на тоа како цела управа и стручен штаб ме прифатија уште од првиот ден и со тоа нормално не ми беше тешко да се навикнам на новата средина. Цела сезона имавме добар и професионален однос без проблеми и нарушување на тимската хемија“, изјави за ЕКИПА, Магдевски кој потоа додаде:

„Не можам да кажам дека ми се исполни целта да влеземе во плејофот, но не можам ни да кажам дека имавме неуспешна сезона. За тим кој што влезе прв пат во Прва лига направивме добар пласман, имавме победи против едни од најдобрите екипи со голема историја, го добивме респектот од сите екипи, се врати тимот на кошаркарската мапа во Романија и успеа да создаде еден нов домашен репрезентативец за наредните 10 години што мислам дена не е за потценување. На наша жалост имавме неколку тесни порази во последните минути од натпреварите и тоа не чинеше да не влеземе во тие Топ8“.

Одличните настапи на Магдевски во првенството му донесоа и настап на „Ол-стар“ натпреварот каде се најде меѓу најдобрите 12 странски кошаркари.

„Одлично искуство. Беше голема чест дека се најдов меѓу најдобрите странци во сезоната. Организацијата беше одлична, интрото на секој играч посебен, игравме пред преполна сала во Орадеа со пет илјади навивачи. Целиот натпревар имаше и хуманитарен карактер бидејќи дресовите се продадоа на аукција за реновирање на училиште во градот“

Кој ќе биде новиот предизвик на бекот во следната сезона останува да видиме…

„Под договор сум до 30. мај, така сеуште е рано за донесување на одлука каде ќе ја продолжам кариерата во наредната сезона. Мислам дека имав коректна сезона на индивидуален план, докажав дека можам да играм на повисоко ниво и сега следи заедно со моите агенти да ја донесам правата одлука за мојата иднина“, завршува репрезентативецот.

,

Се вчитува...