Новата сезона во англиската Премиер-лига стартуваше со минимална победа на Манчестер Јунајтед на домашен терен против Фулам од 1-0. Џошуа Циркзе беше херојот на „црвените ѓаволи“, откако новото засилување од Болоња го постигна победничкиот гол за ерупција од воодушевување во финишот на „Олд Трафорд“.
Избраниците на Тен Хаг во долги периоди од мечот делуваа безидејно, но сепак ги имаа двете најубави шанси во првото полувреме кога Бруно Фернандеш излезе очи в очи со Лено, но германскиот голман два пати беше поуспешен. Јунајтед оставаше многу простор во сопствената половина, но гостите и покрај неколкуте полушанси не успеаја посериозно да го загрозат Онана. „Ѓаволите“ се мачеа да создадат стопроцентна шанса во вториот дел се до 88. минута кога Гарначо нафрли од десната страна, а Циркзе со магичен допир ја смести топката во мрежата.
Во самиот финиш Јунајтед имаше стопроцентна шанса и за втор гол, но Гарначо се посрамоти по несебичното додавање на Рашфорд, откако Аргентинецот од идеална позиција и со легнат голман крај себе шутираше многу слабо, крај левиот дирек.
Единствениот гол на дуелот на „Олд Трафорд“ можете да го погледнете на ОВОЈ ЛИНК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА