Магичните Италијанци преку Белгија до полуфинале на ЕП (ФОТО)

Италија е вториот патник во полуфиналето на Европското првенство откако избраниците на Роберто Манчини славеа во четвртфиналниот натпревар против Белгија со 2-1. Италијаните уште во првото полувреме стигнаа до предност од два гола од кои Белгијците не успеаја да се вратат во мечот.

По една интересна ситуација Италија поведе со 1-0 преку Барела во 31. минута од мечот, а Италијанците веќе до полувремето успеаја да ја зголемат предноста на 2-0. Стрелец на вториот погодок беше Инсиње кој во 44. минута со прекрасен гол донесе „двојно“ водство за својата репрезентација.

За работите да не бидат така едноставни се погрижи Лукаку кој реализираше од белата точка во продолжението од првото полувреме со што ги задржа надежите за Белгијците. Избраниците на Мартинез имаа неколку шанси да стигнат до изедначување во второто полувреме, но спортската среќа беше на страната на Италијанците кои успеаја да ја зачуваат својата мрежа.

Во полуфиналето од Европското првенство Италија ќе се сретне со репрезентацијата на Шпанија која денеска по изведување на пенали славеше над Швајцарија.

Се вчитува...