Барселона ја продолжи победничката серија во Ла Лига со триумфот на градското дерби против Еспањол од 0-2, во драматичен меч што го реши Дани Олмо со гол постигнат во самата завршница.
Во главна улога сепак беше голманот на Барселона, Џоан Гарсија, поранешниот чувар на мрежата на Еспањол кој вечерва беше исвиркуван при секој допир со топката поради „предавството“ од минатото лето. Гарсија одговори на свирежите на најдобар можен начин, со пет запрени зицери на домашните фудбалери со кои буквално ги откажа своите поранешни соиграчи кои искреираа и повеќе од доволно за да стигнат до позитивен резултат, но се беше попусто кога не можеа да го најдат патот до мрежата.
Казната стигна во 86. минута кога Фермин Лопез одлично се сврте со топката во своите нозе, потоа го проигра Олмо, а шпанскиот репрезентативец со неверојатна прецизност од дваесетина метри ја смести топката во мрежата.
Фермин беше асистент и при вториот гола во 90. минута, кога несебично го проигра Левандовски од десната страна, а Полјакот немаше тешка задача да погоди за 0-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

