Ива Јовиќ во моментов ги минува најдобрите денови во својата досегашна кариера.
На актуелниот Австралија Опен таа за прв пат стигна до втората недела од еден Грендслем и стигна до четвртфиналето на турнирот во Мелбурн. Во осминафиналето, Јовиќ ја декласираше Јулија Путинцева од Казахстан во натпревар што траеше само 54 минути, победувајќи убедливо со 6-0, 6-1.
Иако настапува под знамето на САД, бидејќи е родена во Лос Анџелес, Јовиќ има балкански корени. Нејзиниот татко Бојан е Србин роден во Лесковац, а нејзината мајка Јелена во Сплит. Со своите настапи, таа стана една од главните приказни на турнирот во Мелбурн.
Мајка родена во Сплит, татко од Лесковац
„Мајка ми е Србинка, родена во Сплит, а татко ми е од Лесковац. Родена сум тука, во Калифорнија, Лос Анџелес“, изјави Јовиќ во интервју за Телеграф во 2023 година.
„Секое лето, уште од дете, одам во Србија на два или три месеци. Имам семејство во Белград, а потоа одам во Лесковац. Пред тенисот да стане моја сериозна преокупација, одев таму секое лето.“
Нејзини тениски идоли
Во своите изјави за време на Отвореното првенство на Австралија, таа откри дека Новак Ѓоковиќ не е нејзиниот единствен модел иако е нејзин водечки идол.
„Дефинитивно вткаев малку од Моника Селеш во мене. Новак Ѓоковиќ исто така ми е многу важен. Затоа е за мене навистина убаво чувството што играм на турнир каде што игра и тој. Се надевам дека ќе имам уште една шанса да разговарам со него.“
За време на Отвореното првенство на Австралија, таа веќе разговараше со Ѓоковиќ.
„Беше одлично. Ми даде совет, нешто што можам да го воведам во играта. Тоа ми беше во главата цело време. Кога Новак ќе каже нешто, треба да го слушаш. Ми рече подобро да го отворам теренот, да не брзам со шутеви и да се обидувам да играм пошироко. Се обидов и заврши добро. Ќе продолжам да го слушам“, раскажа Јовиќ.
Јовиќ е 27-та тенисерка во светот
Ова е прв пат Ива Јовиќ да стигне до четвртфиналето на Грендслем турнир, а има вкупно 87 победи и 33 порази на ВТА турнирите и една освоена титула. Таа е на 27-мо место на светската ранг-листа, што е нејзин најдобар пласман во кариерата.
Најтешкиот натпревар во нејзината кариера ја чека во четвртфиналето на Австралија Опен против Арина Сабаленка од Белорусија, тенисерка број еден во светот. Ќе се игра ноќта од понеделник за вторник според средноевропско време.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

