Навивачката група „Мајмуни 97 Прилеп” стартува акција за спас на фудбалскиот прволигаш Победа но и воопшто за спас на спортот во градот кој, како што велат, полека но сигурно умира.
„Мајмуни“ повикуваат до сите искрени љубители на спортот од Прилеп да се вклучат во нивната заедничка битка. Основната цел на нивната акција е Прилеп повторно да си го врати најфудбалскиот (спортски) град во Македонија. Акцијата на почетокот ќе биде да се пронајде итно долгорочно и функционално решение кое ќе значи спас на ФК Победа.
„До почетокот на неколкудневната пауза, 10. ноември го повикуваме раководството на ФК Победа да обезбеди и исплати по една плата на сите фудбалери и стручни лица, а членовите на управата да се откажат од нивните побарувања. До завршување на паузата, 22.ноември, да бидат исплатени сите заостанати долгови кон фудбалерите и сите други заостанати долгови кон сите доверители, односно да ја донесат финансиската состојба на нула, без ниту еден денар долг и наредниот ден да си дадат неотповиклива оставка. Ги повикуваме спонзорите и акционерите кои не даваат никаква финансиска поддршка за клубот, под итно да се откажат од сите побарувања и обврски на клубот кон нив. Да се откажат доверителите од сопственичкиот дел во клубот и акциите и да ги остават во целост поради наоѓање на сериозен инвеститор, кој го сака искрено фудбалот и подготвен е да направи силен фудбалски клуб и колектив, кој ќе придонесе за взаемна корист и задоволство на сите инволвирани и љубители на фудбалот и спортот во Прилеп”– велат од навивачката група „Мајмуни“ во своето обраќање до јавноста.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

