Ракометарите на Пролет со фуриозна игра влегоа во победничка серија и се искачија на третото место на табелата, а по големата победа над Охрид во минатото коло, избраниците на Матлиески утре ги очекува нов дерби дуел – пресметка на домашен терен со Пелистер.
„Постојат големи сличности меѓу Охрид и Пелистер, пред се поради фактот дека играта им се базира на голема борбеност и на цврста одбрана. Пелистер ќе се обиде со добра игра во дефанзива да ни создаде многу проблеми. но верувам дека ќе одговориме на предизвикот. Наше е и ние да одиграме на што повисоко ниво во одбраната, бидејќи тоа потоа овозможува и лесни голови на спротивната страна, со што би направиле голем чекор кон победата. Според мене клучно ќе биде да го запреме Кобетиќ, кој најчесто ја има топката во свои раце и е најопасен ракометар на Пелистер. Играме одличен ракомет и сакаме оваа серија да продолжи и на наредниот натпревар. Немаме некоја посебна тајна на успехот, другарството ни е на највисоко ниво и си помагаме еден со друг, многу работиме на тренинзите и одлично се подготвуваме за ривалите, тоа ни ја донесе оваа победничка серија за која очекуваме да продолжи и против Пелистер“ – истакнува Доне Мајнов, заменик-капитен на тимот на Пролет.
Натпреварот меѓу Пролет и Пелистер на програмата е в сабота со почеток во 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА